Американскиот Сенат синоќа едногласно усвои резолуција со која се осудува рускиот претседател Владимир Путин како воен злосторник, што е редок израз на единство во длабоко поделениот Конгрес.
Резолуцијата, предложена од еден од водечките републикански сенатори, Линдзи Греам, и поддржана од сенаторите од двете страни, го повика Меѓународниот кривичен суд во Хаг и другите земји да започнат истрага за воените злосторства на руската војска при инвазијата на Украина.
„Путин не може да избега од одговорноста за злосторствата“
„Сите сме обединети во овој дом, демократи и републиканци, да кажеме дека Владимир Путин не може да избега од одговорноста за злосторствата извршени врз украинскиот народ“, рече лидерот на демократското мнозинство Чак Шумер во говорот во Сенатот пред гласањето.
Русија го нарекува својот напад врз Украина, кој започна на 24 февруари, „специјална воена операција“ за „демилитаризација“ и „деназификација“ на Украина. Путин ја нарече Украина и американска колонија со марионетски режим и без традиција на независна државност.
