Од понеделник Грција ја укинува мерката воведена 19 декември 2021 година за задолжителен ПЦР/рапид тест и за вакцинираните и за невакцинираните патници за влез во земјата, мерка што важи и за државјаните на Северна Македонија.
Министерот за здравство Танос Плеврис претпладнево рече дека за оние кои имаат валиден европски сертификат нема да биде потребен тест за патување во Грција.
-Од понеделник 7 февруари влезот во земјата за оние кои имаат активен европски сертификат ќе биде без задолжителен тест, изјави Плеврис.
Како што е пракса во Грција сите правила за патување во земјата детално ќе бидат објаснети во министерската одлука што ќе биде објавена во Службен весник.
Последната министерска одлука од 24 јануари е во сила до понеделник во шест часот наутро и предвидува задолжителен негативен тест ПЦР или рапид тест за сите патници без разлика на националноста и начинот на влез во земјата и независно дали се вакцинирани или не.