Европската унија подготви сеопфатен пакет санкции за Русија доколку продолжи со својата агресија врз Украина, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за германските весници Ханделсблат и францускиот Лек Ехос.
Русија, која го зазеде Крим од Украина во 2014 година и ги поддржува сепаратистите на истокот на земјата, собра околу 100.000 војници во близина на украинската граница и бара НАТО да не ја прими Украина во членство.
„Подготвивме сеопфатен пакет финансиски и економски санкции кои вклучуваат одбивање пристап до странски капитал и контрола на извозот“, рече претседателката на Европската комисија.
Во пакетот санкции е вклучен и контроверзниот гасовод Северен тек 2, кој минува под Балтичкото Море. Дали гасоводот ќе биде пуштен во употреба зависи од „како Русија ќе се однесува“, рече фон дер Лајен.
„Санкции ќе почувствуваат и руските олигарси и другите блиски соработници на Путин“, додаде таа.
Русија подготвува серија оправдувања за инвазијата на Украина, од кои едно е пропагандно видео на кое се прикажува исцениран напад, соопштија САД во четвртокот, додека Кремљ го осуди позиционирањето на американските трупи во регионот.
Кремљ го обвини Вашингтон истиот ден дека ги игнорирал нивните повици за смирување на тензиите, откако САД во средата објавија дека ќе испратат околу 3.000 војници во Полска и Романија.