Вести Свет

НАТО нема да испрати војници во Украина во случај на напад од Русија, Велика Британија го зголемува военото присуство во Естонија

НАТО не планира да испрати војници во Украина доколку Русија изврши инвазија, изјави генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг. Од друга страна, британската министерка за надворешни работи Лиз Трас рече дека земјата ќе го зајакне своето присуство на војници во Естонија и ќе го прошири законодавството за воведување економски санкции за компаниите од интерес на Кремљ поради стравувањата дека Русија се подготвува да ја нападне Украина.

Приоритет број еден е да го одврати Владимир Путин од таа акција. Затоа нудиме распоредување дополнителни трупи во Естонија. Обезбедуваме поголема воздушна поддршка преку Црното Море и доставуваме одбранбено оружје за Украина за да се осигураме дека тие се во најдобра можна позиција доколку Владимир Путин се обиде да изврши упад. Она што ќе го објавам подоцна оваа недела е подобрена легислатива за санкции за да можеме да таргетираме повеќе руски интереси кои се од директна важност за Кремљ, бидејќи апсолутно треба да го спречиме тоа да се случува. Тоа е наш приоритет број еден, вели Лиз Трас, министер за надворешни работи на Велика Британија.

Алармот поради можната војна во Украина ги натера Вашингтон и Брисел да апелираат до снабдувачите на енергија ширум светот да ветат дека ќе и дадат на Европската унија значителни количини гас во случај на вооружен конфликт и прекин на испораките на руски гас во Европската Унија.

Во меѓувреме, украинската војска се подготвува за евентуална инвазија од Русија. Дел од нив сметаат дека Путин сега не би нападнал затоа што временските услови не го дозволуваат тоа.

Тоа е провокација од нивна страна, тоа го гледаат сите. Посебно сега кога нема зеленило се е целосно видливо. Во лето можеше да се крие, невидливо да се движи, но сега секое движење може да се види, изјави Назар, украински војник.

 

Тој го чека вистинскиот момент. Од воена гледна точка, не е погоден момент за напад. Пред се поради временските услови кои се многу тешки и за возила и за пешадија, коментира Захар Лешчишин, украински војник.

Жителите во пограничните области на Украина велат дека не можат да живеат повеќе во неизвесност и чекаат што побргу да заврши оваа агонија.

Подобро би било да има тешки борби една недела, па дури и еден месец и да се криеме во засолништа како во 2014 година, и сето тоа да биде готово. Немам трпение, тоа е промашување. Сега дури и полошо спиеме ако нема гранатирање затоа што мислиш дека ако е тивко доаѓа нешто полошо, вели Олга Бережна, жител на Украина.

Амбасадата на САД во Украина повторно ги советува своите граѓани да ја напуштат земјата, поради наводната закана од руска инвазија. Во соопштението, амбасадата наведе неколку земји како можни рути за евакуација меѓу кои Полска, Словачка, Унгарија, Романија и Молдавија. Претходно Австралија, Велика Британија, Германија, Канада и Јапонија објавија дека се евакуираат дипломатите и нивните семејства.

Мартин Николовски

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе