Откако два дена по ред ВМРО-ДПМНЕ обвинува поголема група на полицајци, кои според нив работат по налог на Заев и Спасовски, за сериозни изборни заплашувања, закани и малтретирања, од обвинителството одговараат дека се преземаат мерки за проверка на наведеното.
- Oбвинителство: Информациите во врска со дадените наводи за кои прашувате се доставени до надлежното основно јавно обвинителство со насоки истите да се проверат и доколку се утврдат елементи на сторени кривични дела да се постапи согласно законските надлежности. Воедно, ја потсетуваме јавноста дека во функција е електронската адреса [email protected] на која можат да пријават сомнение за сторено кривично дело поврзано со изборите и гласањето.
Од државното обвинителство не прецизираат дали насоките за проверка се издадени на прилепското обвинителство или пак на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое има посебен оддел за да истражува кривични дела на полицајци. Нема ниту информации дали има наредби за вештачења и за проверка на мобилни телефони или на други апарати со апликација вибер, бидејќи обвинувањата на Ковачки содржат фотографии од комуникација на вибер во група. Тој денес изнесе нови детали и наведе дека групата имала 40-тина полицајци кои заплашувале и се договарале да малтретираат и да следат возила на политички противници.
- „Црн список на возила за отстранување”, “измислете прекршок, тргнете го”,” барајте му лекарско”, “до вечер список од акцијата глас плус важи за сите”, се дел од пораките кои ќе ги објавиме како дел од злострничката група на Заев и Спасовски. Оваа група, која според тоа што имаме на увид била под команда на Кире Китаноски од МВР, човек на советникот на Оливер Спасовски, Оливер Лукароски и истата целосно се ставила во партиска функција на СДСМ. Во порака 17.10.2021 година командирот на ОВР – Дарко Цуцулоски, во вибер групата каде се одвивала координацијата дава команда: „Сите овие возила (регистрации и опис на 7 возила) воза за нив. Гледајте да ги отстраните одма.“ Ова е директна насока и наредба од командирот на ОВР Прилеп со цел шиканирање на активисти на ВМРО-ДПМНЕ, наведе денеска Драган Ковачки, член на ИЗвршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од МВР ги негираат наводите на опозицискиот полковник и тврдат дека е отворена внатрешна истрага за утврдување на фактите, затоа што според министерството такви графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого.
- Реакција на МВР: Повторуваме дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало. Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи.
Од МВР тврдат дека немало никаква пријава од Прилеп и дека од 2017-та, министерството е гарант за слободни избори.
Миомир Серафиновиќ