Заврши состанокот на хирурзите од ГОБ „ 8 Септември “ со министерот за здравство. Најдено е привремено решение за оперативната програма за следната недела, а во тек на престојните денови министерот и лекарите ќе разговараат и за трајно решение за проблемот. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, најголем број од пациентите се невакцинирани и тоа сериозно го оптеретува здравствениот систем.
Состанокот се одржа по денешната реакција во на хируршкиот колектив кој најави дека ќе ги прекине операциите во понеделник , доколку директорот Костов не им обезбеди услови за третирање пациенти кои не се во животозагрозувачка состојба. Хирурзите побараа од директорот да го зголеми бројот на хируршки сали од сегашните 2 на 6, зашто како што кажаа во писменото соопштение, и покрај работата на болницата како главен ковид центар во државата, не е реално да не се третираат останатите пациенти.
На барањата на хирурзите следеше писмен одговор од директорот Костов , во кој тој кажа дека зголувањето на бројот на салите за операции сега не е можно зашто дел од персоналот е ангажиран во ковид одделенијата, а хируршките се намалени заради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на пациенти со ковид и дека согласно препораките на Министерството за здравство , се оперираат само пациени чиј живот е загрозен.
