Од одговорност никој нема да биде изземен доколку истрагата тоа го утврди, изјави министерот за здравство Венко Филипче на првата прес конференција по синоќешниот пожар во тетовската модуларната болница во кој животот го загубија 14 лица, пациенти во болницата.
“Во многу медиуми и поединци имаше повик за моја оставка. Дозволете да кажам дека од одговорност ниту бегам, ниту ќе бегам, но ќе инсистирам и ќе чекам да заврши истрагата” – изјави Филипче.. Тој изјави дека за него е тешко со зборови да ја опише тежината и болката која ја чувствува и сочувствува со семејствата на жртвите.
Филипче информираше и дека починатите биле на возраст од 29 до 79 години, додека 12-те евакуирани пациентите биле безбедни и во стабилна состојба во тетовската болница.
Во однос на квалитетот и безбедноста на модуларните болниците и процесот на нивното поставување и квалитет, Филипче ја покажа и целата документација за набавка и поставување на модуларните болници и сета таа била со запазени строги стандарди и постапки при реализација на тие проекти.
“Истрагата треба да утврди дали и на кој начин по предавањето на објектот на тетовската болница, истиот бил одржуван и раководен” – изјави Филипче
За присуството на блиски роднини на болните во модуларната болница, Филипче вели дека тоа не е во согласност со протоколите и истрагата ќе треба да утврди што се случувало.
