Во моментов најважно е да се подигне на највисоко ниво свеста кај граѓаните на Гостивар за можните последици од епидемијата. Најголем дел од овие заболувања може да бидат самоограничувачки и да поминат без последици, но мора да се посвети внимание на ризичните групи, бремените жени, децата и сите возрасни над 65 години, вели професор Стојковска. Сега претежно се пациенти со акутна симптоматологија, но доколку се присутни и инфективни причинители со подолг период на инкубација, во тој случај периодот на нивното следење бара поинаков пристап.
„Ако се докаже одреден инфективен причинител, зависно од инкубацијата, зависно од клиничката слика, зависно од инфективната доза која е внесена во организмот, тогаш навистина треба да се остави на професионалците, епидемиолозите, микробиолозите да ја работат својата работа. Кога треба да се каже дали има последици или не, кој треба да ги следи луѓето, тука се лекарите, секогаш во консултација со инфектолози“, вели проф. д-р Снежана Стојковска, инфектолог.
Граѓаните треба да бидат претпазливи во подолг временски период, затоа што не знаеме што се има во тоа фекално загадување.
„Знаете тука може да се присутни разни бактерии, разни вируси, паразити и сите они имаат различен период на инкубација. Значи период кога немаме никаков симптом, сум бил во контакт со инфективниот причинител, но до појава на симптомите е релативно долг период“, укажува проф. д-р Стојковска.
И доколку има забрана за користење на водата тоа треба да се почитува без никакви импровизации и компромиси.
„Може е потребна забрана, може се потребни некои многу поригорозни мерки за да се спречи нешто на време. Замислете, сега вие една веселба, замислете еден кафич, ништо друго не сакам да кажам. Не треба да се дозволи во овој период, кога е прогласена кризна состојба да дозволиме секундарно да се појават нови инфекции кои не би требало да се појават. Доволно штета е направени и не треба да се дозволи појава на нови инфекции“, истакна проф. д-р Стојковска.
За професор Стојковска многу е важно матичните лекари да ја следат состојбата на своите пациенти и да имаат комуникација со инфектолозите за да реагираат превентивно.
Нина Стефанова
