Забранет пристап до социјалните мрежи за деца до 15 години воведува Франција од јануари откако го донесе законот. Со тоа Франција станува првата европска земја што воведува целосна забрана за користење на тие платформи за деца, а сите корисници ќе мора да ја потврдат својата возраст.
Одлуката е донесена поради зголемената загриженост за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на децата, во период кога и Обединетото Кралство и Европската унија подготвуваат слични ограничувања.
Законот ќе се воведува постепено. Од септември оваа година, лицата помлади од 15 години нема да можат да отвораат нови профили, а проверката на возраста ќе стане задолжителна за сите нови корисници.
Од јануари 2027 година мерката ќе се прошири и на постојните профили, што значи дека сите корисници во Франција ќе мора да докажат дека имаат најмалку 15 години за да продолжат да користат социјални мрежи. Платформите ќе мора да применуваат алатки за проверка на возраста одобрени од францускиот регулатор за заштита на приватноста.
Мерката ја поддржа и францускиот претседател, Емануел Макрон, кој ја најави како едно од обележјата на крајот од неговиот десетгодишен мандат. Владата тврди дека онлајн алатките за проверка на возраста се ефикасни и безбедни, но критичарите се сомневаат во спроведливоста на законот.
Најголемите забелешки се однесуваат на заштитата на приватноста, ефикасноста на алатките за проверка и можноста младите да најдат начини за заобиколување на ограничувањата. Агенциите пренесуваат и критики поради брзината со која бил усвоен законот.
