Случајот со труењето во Гостивар разоткрива опасен и неприфатлив преседан: Обвинителството и надлежните институции ја ставија бирократската процедура и наводната „тајност на истрагата“ над уставното право на граѓаните на безбедна животна средина и здравје, велат од СДСМ.
Од опозициската партија посочуваат дека наместо веднаш да се регира, односно од 25 јуни кога се започнало, властите со недели молчеле.
-Загадувањето на водата започнало уште на 25 јуни. Наместо веднаш да реагираат, здравствените и инспекциските органи со недели молчеле и дозволиле граѓаните да конзумираат фекално загадена вода. Уште пострашно е што, и покрај сознанијата дека водата е загадена, само неколку дена пред отворањето на истрагата, институциите јавно ја прогласија водата за безбедна. Истрагата не е иницирана од здравствените институции, туку Основното јавно обвинителство морало да постапи по допрен глас, истакнуваат од СДСМ.
Според нив ова е целосен институционален колапс, а најсериозниот проблем е однесувањето на Обвинителството.
–Нивното инсистирање на “тајност на истрагата” како изговор за непреземање мерки за заштита на јавното здравје претставува опасна замена на тези. Квалитетот на водата за пиење не е истражна тајна. Тоа е јавно-здравствен факт кој во секој момент мора да биде познат на граѓаните. Објавувањето на забрана за пиење на водата поради микробиолошки отстапувања апсолутно немаше никако да ја компромитира истрагата. Наместо тоа, ОЈО тактизирало, а здравствените власти молчеле, дозволувајќи епидемијата да се прошири. Резултатот е масовно труење со над 3.100 регистрирани пациенти, велат од СДСМ.
Од партијата бараат сите кои учествувале во прикривање на информациите за квалитетот на водата, а потоа и во прикривање на доказите, како и оние кој имале индиции за загаденоста на водата, а не превзеле ништо за превенција и заштита на здравјето на гостиварчани, мора да сносат не само морална, туку и кривична одговорност.
Ова се однесува на целиот синџир на одговорност:
Министерот за здравство
Институтот за јавно здравје
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ)
Локалните центри за јавно здравје
Сите службени лица кои имале обврска да дејствуваат, а свесно не го сториле тоа.
Од СДСМ велат дека овие институции и нивните раководители треба веднаш да понесат одговорност.
Повикуваме на итни оставки од Министерот за здравство, директорот на Институтот за јавно здравје, како и од сите одговорни лица во синџирот кои со своето непостапување и прикривање директно придонесоа за масовното труење на граѓаните на Гостивар, порачуваат од опзициската партија.
