Петнаесет лица се повредени во силното невреме што го зафати Скопје, а деветмина се згрижени на торакална, додека шестмина се примени на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Двајца од повредените се со потешки повреди – една пациентка со повреда на главата е хоспитализирана на Неврохирургија, а друга има скршена рака.
Останатите се со полесни повреди и се во стабилна состојба.
Од Центарот за управување со кризи информира дека до нив во периодот од 17 до 21 часот на бројот 112 пристигнале повеќе од 8.300 повици за помош.

Поради големиот број пријави, биле ангажирани дополнителни оператори, а од ЦУК апелираат граѓаните кои пријавуваат материјална штета да покажат трпение и, доколку е потребно, пријавите да ги достават и во текот на денешниот ден.
