Владата и ССМ остануваат на дијаметрално спротивните ставови кога станува збор за минималната плата и стандардот на работниците и по последната седница на Економско социјалниот совет која се одржа денес на Илинденска број 2.
Владината кошничка иако најавувана, се пролонгира до крајот на годинава, а останува нејасно дали синдикатите и останатите членови на советот дале зелено светло. Министерот Дурмиши вели дека ги чека во писмена форма забелешките од синдикатите и работодавачите.
„Ги чекаме забелешките, писмено да се обратат до кај нас, а од нивните предлози што ги имаат дополнително да се формираат. Таа веќе влегува во националната стратегија претпоставувам дека пред крајот на оваа година ќе биде донесена“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија.
Од ССМ велат дека се разочарани од фактот што минималната плата не била точка на денешната седница на ЕСС и имаа сериозни забелешки околу можноста да се подигне старосната граница за пензионирање. Тие засега не дале зелено светло за владината кошничка.
„Потрошувачката кошничка се уште не е излезена од другата страна на масата, така што имаме само некои пресметки коишто не сме ги одобриле и коишто немаат сума колку навистина чини животот на едно од четиричлено семејно домаќинство. Владата смета дека со нејзината потрошувачка кошничка ќе не убеди дека супер се живее во државата или дека нема потреба да се намалуваат цените, маржите итн. Наместо да гледаме можност за секој некој што исполнил барем еден услов, дали се тоа 15 години стаж или старост да замине во пензија, ние правиме нови математики како да го умреме работникот. Односно оној што е на тешки услови за работа на работното место, а притоа да не го дочека периодот за пензија“, објасни Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Контролата на цените во маркетите покажала дека набавните цени за една година се зголемиле за 2,66 проценти а продажните се зголемиле за 4,55 проценти, а во последните месеци стагнира растот на профитната маржа кај трговците.
„Дел од растот на малопродажните цени на прехрамбените производи и другите производи се зголемуваа поради бруто профитната маржа којшто одредени трговци ја зголемиле оваа година, односно кога се намалиле набавните цени, тие не ги намалиле своите цени“, додава Дурмиши.
На денешната седница на Советот се зборуваше за предлог законите за високо образование и за обезбедување на квалитет во високо образование и наука односно за прилагодување на високото образование кон потребите на пазарот и бизнис секторот.
Огнен Чанчаревиќ
Дигитална обработка: T.Д.
