Вести Македонија

Преполни контејнери и расфрлан отпад – Комунална хигиена најавува подобрување од август

Преполни контејнери, а околу нив расфрлан градежен шут, кабаст отпад, непријатна миризба и инсекти. Ваква слика затекна камерата на Телма на повеќе места во општина Ѓорче Петров.
Слична е состојбата и во општина Карпош. Граѓаните велат дека проблемот е двоен – сметот не се собира редовно, но и дел од жителите оставаат кабаст отпад покрај контејнерите наместо на соодветни места.

„Живеам во близина на контејнерите и сум приметил дека доаѓаат многу луѓе со коли и фрлаат ѓубре. Тука во Тафталиџе имаме два контејнери и не се знае тие со возилата од каде се го носат сметот. Тие треба да фрлаат онаму каде што живеат, а не овде да го носат. Ама сум забележал и дека секојдневно доаѓаат со камиони и го собираат сметот“, изјави анкетиран граѓанин.

„Па не се собира баш редовно. Постојано е валкано“, вели друг анкетиран.

Директорот на Комунална хигиена, Драги Митковски вели дека вработени има доволно, но дека проблем е застарената опрема која ја затекнале од претходно.

„Покрај возилата проблем ни се и садовите затоа што на сите микролокации ако треба четири ние имаме два контејнери, а и од нив некој е скршен, друг искривен, што на некој начин ни ја отежнува работата“, вели Драги Митковски, директор на Комунална хигиена.

Митковски вели дека завршени се постапките за две специјални комунални возила како донација од Град Скопје, уште 40 возила преку Министерството за транспорт, како и околу три илјади нови контејнери. Сите се очекува да пристигнат во август, а според него со тоа значително ќе се подобри состојбата на терен.

Директорот предупредува дека дополнителен проблем претставува и непрописното фрлање кабаст отпад покрај контејнерите, што го отежнува одржувањето на јавната хигиена.

„Оној кабаст отпад е неверојатен проблем како за јавното претпријатие така и за граѓаните. Надлежноста на ова претпријатие не е да го собира тој вид на отпад низ градот. Не можеме ние сите мини депонии кои се формираат низ градот да ги очистиме. Тоа е нешто невозможно“, додава Митковски.

Последниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Комунална хигиена за 2024 година покажа дека дури 60% од комуналните возила биле неисправни, додека исправните имале просечната старост од околу 15 години. Ревизорите тогаш утврдиле и дека претпријатието имало долгови од околу 12 милиони евра.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Преку случај на шверц на кокаин скриен меѓу тегли со пиперки- македонските судови одлучија дека комуникациите од заштитената Скај апликацијата се докази во борба против организиран криминал

Tea Dimkovska

Вработен во ФЗОМ меѓу обвинетите за измама со брзи кредити

Дејан Дејан

Триглав станува сопственик на удел во една од водечките приватни здравствени групации во Хрватска  

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе