Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и денеска, како и вчера, немаше можност да гласа. По подолг период, два дена по ред доаѓа во Собранието, со намера да го даде својот глас против Законот за правична застапеност, но гласањето се одложи на неодредено време. Пратениците од опозициските партии на Албанците, се обидоа да ја сменат одлуката преку бројни процедурални забелешки, но не им успеа.Реагираа и на отсуството на претседателот Африм Гаши.
„Зошто Гаши е токму денеска отсутен? Имаме закон што ги исполнува сите процедурални услови, но не се става на гласање“, рече Дијана Тоска, пратеничка од Европски фронт.
Потпретседателката Весна Бендевска, која го заменуваше Гаши ѝ укажа на пратеничката Тоска дека никој никогаш не ги прашува пратениците за отсуството, како и дека, одлуката да се пролонгира гласањето е согласно новиот собраниски деловник.
„Членот 170 не се врзува со кворум, туку со апсолутно право на претседателот да го одложи и презакаже изјаснувањето по завршената расправа“, појасни Весна Бендевска, потпретседателка на Собрание.
Овој закон треба да се носи со мало Бадентерово мнозинство, односно, со мнозинство од присутните пратеници од етничките заедници во салата.
Далиборка Демјанска Цветановска
