Фудбалски класик со огромен историски товар вечерва ќе го даде вториот финалист на Светското првенство во 2026 година. Во Атланта, од 21 часот, Англија ќе го предизвика актуелниот светски шампион Аргентина, а победникот во недела ќе игра против Шпанија.
Ова ќе биде првата пресметка меѓу двете селекции по пауза од 21 година. Нивното големо ривалство го одбележаа „Божјата рака“ и антологискиот погодок на Диего Марадона во четвртфиналето во 1986 година, црвениот картон на Дејвид Бекам и аргентинската победа на пенали во 1998, како и англискиот реванш четири години подоцна. Ова ќе биде нивна вкупно шеста пресметка на Мундијалите. Англија е поуспешна со три победи, додека Аргентина славела двапати, еднаш по изведувањето пенали.
Аргентина сонува за второ финале по ред и за можноста да стане првата репрезентација по Бразил во 1962 година што ја одбранила светската титула. Англија, пак, го игра своето четврто мундијалско полуфинале и атакува на првото финале по триумфот во 1966 година на домашен терен.
Во центарот на вниманието повторно ќе биде Лионел Меси, кој постигна осум гола на турнирот. На спротивната страна најголема опасност се Џуд Белингам и Хари Кејн, автори на 12 од 13-те англиски погодоци. Белингам особено се истакна во нокаут-фазата, бидејќи постигна по два гола против Мексико и Норвешка и беше најзаслужен за пласманот на Англија во полуфиналето.
Томас Тухел нема да смета на повредениот Џордан Хендерсон и суспендираниот Џарел Кванса, додека Деклан Рајс е подготвен да стартува. Двете селекции во нокаут-фазата преживеаја тешки натпревари и пресврти, па во Атланта се очекува уште една драматична битка за место во големото финале.
*Фотографијата е креирана со помош на вештачка интелегенција.
