Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за работењето на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ за 2024 година, утврдувајќи значајни неправилности во финансиското управување, наплатата и користењето на ресурсите.
Ревизорите посочуваат на намалена ликвидност, високи обврски и голем дел од побарувањата со неизвесна наплата. Особено загрижувачка е состојбата со возниот парк, каде од 189 специјални комунални возила само 76 се во возна состојба, додека останатите се неисправни или хаварисани.
Просечната старост на возилата изнесува 15 години, што го отежнува ефикасното извршување на комуналните услуги. Ревизорите утврдиле и проблеми со залихите, вработувањата преку приватна агенција, евиденцијата на имотот и финансиските обврски. Во извештајот се препорачуваат мерки за подобрување на финансиското управување, зголемување на наплатата и стратегија за обновување на возниот парк.
