Соединетите Американски Држави во новиот бран напади врз Иран за првпат употребија еднонасочни јуришни морски дронови, соопшти американската Централна команда.
Морските дронови биле користени во комбинација со борбени авиони, воени бродови и беспилотни воздушни летала.
„Силите се распоредени и подготвени да осигураат безбедното пловење да остане достапно на комерцијалните бродови и покрај продолжување на неоправданата иранска агресија, вознемирување, закани и произволни објави“, соопшти Централната команда на САД.
Иранската револуционерна гарда објави дека во одговор на најновите американски напади ги погодила базите на САД во Бахреин и во Кувајт и оти „во тек“ се одмазднички операции.
„Скај њуз“ наведува дека во Бахреин се огласиле сирени за опасност од воздушен напад, а се активирала противоздушната одбрана во Кувајт и во Јордан која дејствувала против најавите закани.
Пакистан, кој ја има улогата на посредник во мировните преговори меѓу Иран и САД, изрази загриженост од најновата ескалација на тензиите на Блискиот исток и повика на воздржаност од сите страни, преземање на итни черкори за деескалација, како и почитување на преземените обврски од Меморандумот за разбирање што го потпишаа Вашингтон и Техеран во минатиот месец.
