Вести Македонија Топ вести

Стартува изградбата на автопатот кон Косово со грант од 30,8 милиони евра од ЕУ

Автопатот од Скопје до границата со Косово треба да почне да се гради наредниот месец, а да заврши за четири години. Ќе го гради конзорциум предводен од градежната компанија „Гранит“ од Скопје. Останува уште да се избере надзор.

Првата фаза од граничниот премин „Блаце“ до клучката Блаце од 1,5 километри е готова од претходно, а сега ќе се градат останатите 10,5 километри до клучката Стенковец на скопската обиколница. Изградбата ќе чини околу 220 милиони евра.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски потпиша договор за грант од 30,8 милиони евра преку инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ. Унијата обезбедува и 8,8 милиони евра за техничка поддршка за подготовка на проектот, имплементација и поддршка во супервизијата, 167 милиони евра ќе се обезбедат со кредит од ЕБОР, а останатите 20-25 милиони евра треба да ги обезбеди владата, дали од буџетот или од друго задолжување.

„Теренот е ридско-планински и дел е од масивот на Скопска Црна Гора. Ова е исклучително тежок терен за изведба. Затоа во проектот се предвидуваат пет тунели со по две цевки при вкупна должина на тие цевки од околу пет километри. Девет мостови со должина од 2,5 километри, четири галерии за стабилизација на косини по должина од еден километар и девет потпорни ѕидови за стабилизација на косините“, вели Коце Трајановски, директор на ЈПДП.

Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија и една од земјите со кои трговската размена е во плус. Минатата година во Косово биле извезени стоки во вредност од 355 милиони евра, а увозот бил 92 милиони евра. Автопатот е дел од трансевропската рута 6, кој треба да ја поврзе Македонија со Косово и со пристаништата Драч и Бар во Албанија и во Црна Гора.

„Денешното потпишување е навистина многу повеќе од финансирање на инфраструктура. Се работи за инвестирање во иднината на земјата, во поголема регионална поврзаност и приближување на земјата до ЕУ преку конкретни проекти коишто ги подобруваат животите на луѓето“, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас.

Автопатот од Скопје кон Косово се планира веќе две децении, го ветуваат речиси сите влади, а во 2020 година почна да се гради првата, полесна делница од 1,5 километар. Требаше да биде готова до 2021 година, но работите се оддолжија поради проблеми со експропријацијата, па се градеше до втората половина од 2024 година. Првичната цена од 14,3 милиони евра, до крајот на изградбата со анекси се удвои.

Канцеларијата на ЕБОР во Скопје уште во 2022 година соопшти дека ќе обезбеди кредит од 167 милиони евра и грант од ЕУ за изградба на преостанатите 10 километри.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Секој 4-ти прекршок фатен со „Безбеден град“ го прави странец без да добие казна возачот- снимени над 33.000 прекршоци на странски возила

Дејан Дејан

За што ќе одговораат напаѓачите кои избодеа момче во Ченто

Дејан Дејан

Надзорна расправа за нефункционалната и недоследна примена на одредбите од Законот за употреба на македонскиот јазик

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе