Разговори на првообвинетиот во судењето за „Пулс“, Дејан Јованов и неговиот син Михајло Јованов, третообвинет во случајот, со претставници на институции и вработени во нив се презентирани на денешното рочиште на кое се изведуваа докази (листинзи со разговори и пораки) од вештачењата на нивните телефони.
Во дел од меѓусебната комуникација на Јованови можеше да се забележи дека Михајло го известува својот татко со информација за рација, односно посета на полициски службеници во дискотеката во контрола за присуство на малолетници. На тоа Дејан Јованов му одговорил „во ред, нека бидат присутни, многу ги има малолетници, ние, секако, фирмата ќе ја однесеме во стечај“.
Презентирана беше и комуникација за дојава за контрола на инспектори од УЈП во дискотеката, инспектори кои, всушност, моментно се под истрага во Кочани и за кои сè уште нема обвинение. Таквите комуникации траеле околу пет години, од 2020 година до моментот на трагичниот настан во 2025 година.
