Што може, а што не смее да се дозволи да се гради на падините на Водно? Дел од советниците предупредуваат дека се проектира масовна урбанизација. Тоа, пак, отвора ново потенцијално ерозивно подрачје над Скопје и повторно ја отвора дебатата за урбанизацијата на Водно. Затоа од Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ апелираат дека Нацрт-деталниот урбанистички план за Барутана, кој е на дневен ред на Советот на Општина Центар, носи ризик од пропаѓање на земјиштето на падините на Водно.
Во самата планска програма е посочено дека ерозијата е еден од ризиците што треба да бидат обработени низ планот. Планот тоа воопшто не го прави; напротив, додава само градби што го постигнуваат спротивниот ефект. Исто така, во планот за енергија и клима е посочена опасноста од шумски пожари, вели Јане Димески.
Дел од површините што претходно биле наменети за државни институции сега се предвидени за домување.
На дневен ред на оваа седница е ставен Нацрт-ДУП-от за Барутана, за кој сметаме дека во формата во која е предложен не треба да се изгласа, туку да се врати на доработка, бидејќи обемот на градење што се предвидува за приватно домување ги надминува параметрите на Генералниот урбанистички план, што, според Законот за урбанистичко планирање, е незаконски, додава Димески
Од „Шанса за Центар“ додаваат дека иницијативата за изработка на планот е поднесена од приватна компанија.
Телма побара став и од Општина Центар, од каде што потврдија дека Нацрт-деталниот урбанистички план ќе биде ставен во процедура во текот на следната недела. Планот ќе биде ставен на увид и на советниците, кои ќе можат да дадат забелешки, а според процедурите, во иднина за ДУП-от ќе следува и јавна презентација пред граѓаните.
Софија Бислимоски
