Вести Македонија Топ вести

Премиерот Мицкоски негира дека Димитар Димовски ќе биде задолжен за добро владеење

Димитар Димовски нема да биде секретар за добро владеење во Владата, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. Димовски е задолжен за следење на реализацијата на програмата на Владата и на владините политики, а претходно Мицкоски за време на гостувањето во емисијата Директно на Телма изјави дека би бил соодветен да биде одговорен и за добро владеење.

Но, сега премиерот дообјаснува дека на функцијата ќе биде друго лице, а не конкретно Димовски, кој беше обвинет во два случаи, „Шпански скали“ и „Топлик“ на СЈО.

Прво јас никаде не кажав кој ќе биде тој што ќе управува со делот за одбро владеење. Реков како што имаме секретар кој што врши мониторинг за реализација на програмата на Владата ќе имаме и секретар кој што ќе биде задолжен за добро владеење. Тоа не значи дека ќе биде истото лице и нема да биде истото лице. Инаку ако конкретно зборувате за Димитар Димовски како и останати десетици и стотици лица од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ кои што беа дел од политичка хајка на најкриминалната Влада предводена од СДСМ и ДУИ кои што СЈО го користеа како алатка за да ја распродава државата за да себе си обезбеди привилегии да краде државата тоа сум го коментирал многу пати во минатото и немам намера повеќе да го коментирам, изјави Мицкоски.

А кое лице ќе биде одговорно за добро владеење Мицкоски најави дека јавноста ќе биде благовремено информирана. Но, за време на гостувањето во емисијата Директно во вторникот Мицкоски тврдеше поинаку.

Во мојот кабинет има секретар што е задолжен за следење на реализацијата на програмата на Владата и на владините политики, па оттука ценам дека би бил соодветен да биде одговорен и за добро владеење. Мислам дека еден член помалку во Владата на ниво на потпретседатели би било нешто што можеме да го претставиме пред јавноста, изјави претседателот на владата Христијан Мицкоски во интервју во „Директно“ на Телма, на 30.06.2026.

Од опозициската СДСМ реагираа дека Димовски е долгогодишен бизнис-партнер на Мицкоски во хидроцентралите, а неговата сопруга премиерот ја поставил на функција во Развојна банка.

Димовски треба да биде разрешен од позицијата во Кабинетот на Мицкоски а не да биде унапреден. Кога човек условно осуден за злоупотреби и бизнис партнер на Мицкоски се бира за „доброто владеење“, тогаш станува јасно дека под оваа власт корупцијата наградува, изјави Јон Фрчкоски од СДСМ.

Димовски за „Шпански скали“ беше ослободен по обвинението за злоупотреби со продажба на државен имот на скопскиот плоштад. За „Топлик“ доби условна затворска казна за слични злоупотреби со државното земјиште за Сончев Град во Сопиште, но на втор степен пресудата падна, па со измените на Кривичниот Законик пред три години, обвинението застаре.

Во октомври 2024-тата е назначен за секретар и зема плата од 140 илјади денари или околу 2.250 евра. Управител е на две фирми во кои сопственик е неговата сопруга. Едната е ХербаНатура за продажба на природни фармацевтски препарати, втората е Соларис за струја од обновливи извори фотоволтаици.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Паметни камери во справување со пожари

Дејан Дејан

Партиите повторно не успеаја да се договорот за Изборниот законик

Дејан Дејан

При претрес на стан во Скопје пронајдени над 11 килограми марихуана, 400 грама кокаин, ЛСД и други видови дрога

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе