За новите хеликоптери за армијата досега се исплатени повеќе од 105 милиони евра, а првите се очекуваат до крај на годината. Министерот за одбрана Владо Мисајловски вели дека имало одлагања од месец-два поради технички проблеми, но првите два Леонардо-Агуста хеликоптери се очекува да долетаат наесен.
„ По договор треба да бидат после јули и предложено ни е еден да стигне порано, но ние разговараме двата да стигнат парарелно и мислам дека до крајот на годината септември и октомври би требало да стигнат двата но ќе разговараме со нив. Да имаше одлагање за некои технички работи но во целост договорот се исполнува, се исплаќа целосно“, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Договорот е потпишан од претходното раководство на Министерството, пролетта 2024-та, во вкупна вредност од 250 милиони евра за набавка на 8 хеликоптери. Министерот вели дека веќе се испорачани дел од опремата и дел од резервните делови, согласно договорот, а фирмата Леонардо треба да реализира и хангар за чување на новите летала. Но, обуката во прва фаза ќе се одвива во Италија.
„Во моментот се реализираат обуки за пилоти и за техничари во Италија што е дел од договорот. Значи ќе добиеме пилоти и техничари кои што ќе можат да работат на новите НАТО платформи“, рече генерал мајор Сашко Лафчиски, Началник на Генералштаб на АРМ
Што се однесува до старите хеликоптери МИ-17, еден е во Македонија, а вториот многу брзо ќе се врати од ремонт во Чешка по што и двата ќе може да се употребуваат доколку има потреба за гаснење на пожари.
Миомир Серафиновиќ
