На алуминиумските фолии во кои биле завиткани 350 илјади евра се пронајдени отпечатоци од Ѓоко Ристов, апелациониот судија кој е обвинет за прикривање имот и перење пари, сведочеа вештаци од МВР. Во домот на неговите родители во Неготино соѕидани во кујната беа пронајдени 600 банкноти од по 500 и 200 евра. На вештаците им биле дадени 13 примероци, а само два биле погодни за анализа. Се проверувала ДНК од Ристов и неговите родители. Се заклучи дека биолошките траги се од Ѓоко Ристов и уште една непозната индивидуа која не е во крвно срдство со него, рече еден од вештаците од одделот за форензички испитувања во МВР.
„Особено суштинско е она кое побудува и интерес ДНК анализата на биолошките траги и во суштина обвинителството е задоволно од она што беше презентирано на денешната расправа кое непорно потврдува и го дообјаснија она како е дојдено и што значи самата ДНК анализа“, изјави обвинителката Искра Хаџи Василева.
Одбраната спори дека алуминиумските фолии не се адекватно отстанети, чувани во кеси и донесени на анализа и прашува зошто не е извршено и вештачење на парите.
„Парите се извадени од истите кеси, предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Па е наредено вештачење по завршување на истрага и земени биолошки траги и дадено на вештачење кое е направено на 8-ми четврти. Вас не ви е сомненително во тие 80 дена да се отвора доказниот материјал, никој не знае што е и како е запечатен после тоа, и вештачени се парчиња од алуминиумска фолија, ама не и парите? А овде зборуваме за 350.000 евра најдени во ѕид“, рече адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Обвинителката Хаџи Василева смета дека приговорите на одбраната немаат ниту смисла ниту суштина и е обид за одолговлекување на постапката.
„Ние не сме професионалци, но и еден обичен правник и било кој граѓанин знае дека биолошките материјали, како што и објаснуваа вештаците практично цртаа, се подложни на контаминација, крос-контаминација како велат, но ако најдете биолошки траги на некој материјал, тие просто постојат. Без оглед дали постојат и други или трети, но овие постојат, а во конкретниот случај тие поттекнуваат од обвинетиот Ѓоко Ристов“, рече обвинителката Искра Хаџи Василева.
Наредното рочиште е закажано за 14-ти јули кога треба да сведочи уште едно вешто лице од МВР, а ќе се продолжи и со изведување на доказите на обвинителството.
Марија Митевска
