На 235 корисници на социјална заштита во 2024 година неосновано им биле исплатени околу 236 илајди евра, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија. Најголемиот дел од овие пари или 175 илајди евра биле исплатени по основ на гарантирана минимална помош. Ревизорите утврдиле и дека Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување не се ефикасни во активирањето на невработените корисници на гарантирана минимална помош.
„Поради ограничени човечки ресурси и недоволна координација, не се преземаат доволно активности за работна активација и вклучување на корисниците на ГМП на пазарот на труд, што придонесува за долгорочна зависност од социјална помош и намалена ефикасност на системот“, соопштија од ДЗР.
Извештајот укажува и на слабости во враќањето на неосновано исплатени средства од социјална заштита.
„Иако се поведуваат судски постапки за наплата, во пракса побарувањата тешко се наплатуваат бидејќи примањата од социјална заштита се изземени од извршување, па корисниците (по определен временски период) повторно можат да остварат право на социјална помош додека долговите остануваат ненаплатени“, е наведено во извештајот на ДЗР.
Во текот на 2024 година исплатени се околу 162 милиони евра за корисниците на социјална заштита што е за 15 проценти од вкупни трошоци на Министерството за социјална политика. Вкупно помош добиле 113.666 корисници. Од 2022 до 2024 година за 30 проценти се зголемени средствата за оваа намена.
