Вести Македонија Топ вести

Oслободителна пресуда за таткото на Васил Јованов, судот оцени – одговорноста е кај полнолетниот возач и не може да се припише на друг

Ослободителна пресуда за Зоран Јованов таткото на Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина Кулакова пресуди Кривичниот суд.  Таткото беше обвинет за  „Загрозување на безбедноста на сообраќајот“ затоа што на синот две години му дозволувал без возачка да управува со автомобил иако знаел дека не смее. Дејствијата за кои е обвинет родителот не се кривично дело оценува кривичниот суд.

„Судот оцени дека кривична одговорност не може да се заснова врз самата околност што обвинетиот е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола. Законодавецот ваквото однесување изречно го регулирал и санкционирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а судот не може преку проширено толкување на кривичниот закон да создава нови облици на кривична одговорност кои законодавецот не ги предвидел“, соопштија од Кривичниот суд

Судијката Снежана Марковска која претходно му пресуди 12 години затвор на синот Васил Јованов во предметот за родителот оценува дека  одговорноста за сообракајката е индивидуална,  а возачот полнолетен. Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело.

„Непосреден извор на опасност и непосреден причинител на настанатата последица е полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот. Кривичното право почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото“, соопштија од Судот.

На Васил Јованов, Апелација  му ја зголеми казната на 13 години затвор. Тој во јануари лани  без возачка дозвола под дејство на алкохол и со поголема брзина поминувајќи на црвено светло на пешачки премин ја прегази Фросина Кулакова.

Елена Ивановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопје и Атина ќе работат на унапредувањето на квалитетот на здравствената заштита, со поддршка на СЗО

Дејан Дејан

Законите за судска и јавнообвинителска служба поминаа во прво читање

Дејан Дејан

Нова ограда за заштита на градилиштето кое проголта тротоар

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе