Театарот „ Војдан Чернодрински“ од Прилеп со постановката на „ Црнила“ од Коле Чашуле , во режија на Дејан Пројковски, прикажа современ,но радикален приказ на драмата, која за тема го има атентатот на Ѓорче Петров, доловувајќи го фракционерството меѓу македонските револуционери, а следствено на тоа и братоубиствата. Претставата се игра во камерен формат.
„Она на кое инсистираше Дејан единствено, пред да се впуштиме во авантурата, беше делот на до каде се црнилата денес . И точно да видиме , дали можеме со денешни очи убаво да ги видиме црнилата што се случувале тогаш“ – изјави актерот Александар Степанулески.
Степанулески го толкува Луков ,кој го режира убиството на Ѓорче Петров од лични причини. Тој го опишува како карактерно валкан човек.
„Што е пандан на темата „ Македонецот му е Македонец на Македонецот“. И после тоа сѐ е јасно. Така? Од таму тргнал и Чашуле , од таму тргнавме и ние во градењето на Луков. Идеалот е една друга приказна, чистотата на револуционерното дело е втора приказна“ -додава Луков.
По три години пауза на фестивалот „ Војдан Чернодрински“ , дојде и блесна Театарот „Трајков Прокопиев“ од Куманово. Нивната камерна изведба на драмското дело „Калигула“ од францускиот нобеловец Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески , покажа еден колку поетичен, толку и суров е римскиот император , кој на апсурден начин трага по среќата.
„Нашиот „ Калигула“ е современ „Калигула“. Иако ние не ја модернизираме нашата приказна, режисерски создаваме еден наш свет, буквално. И секогаш е предизвик да се создава театарски свет“ – подвлече режисерот Ѓорѓи Ризески.
Марко Трајковиќ ликот го игра енергично, но со мерка и слоевито , согласно душевните состојби на Калигула.
„На прва топка ми дојде да правам сѐ што јас не сум приватно. Јас приватно живеам по правила, имам инхибиции , морални вредности и т.н. Нашиот „ Калигула“, т.е. мојот Калигула нема“ – вели актерот Марко Трајковиќ.
А во киното „ Мис Стон“ при ЦК , во рамките на фестивалот , започна програмата „ Драмолетање 2.0“. Целта е презентација на текстови од наши млади драмски автори и нивно поврзување со режисери и директори на театари, за да текстовите заживеат на некоја од нашите театарски сцени. Годинава беа избрани и се презентирани три текста од авторите Катерина Момева, Габриела Стојаноска- Станоеска и од Мартин Миљев.
Сотир Трајков
