Над 1 милијарда евра потрошила земјава минатата година за увоз на прехранбени производи, во исто време додека земјоделското производство од година в година се намалува.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2025 година биле извезени прехранбени производи во вредност од 564 милиони евра, додека увозот бил над 1,1 милијарди евра, односно над 560 милиони евра дефицит.
Сопственикот на Прехранбената индустрија КИМ Неготино Славчо Јорданов вели дека производителите се соочуваат со низа предизвици – од навременото обезбедување на квалитетни суровини, кои сè помалку ги има со оглед на намаленото земјоделско производство, високите цени на енергијата, недостигот, особено на висококвалификувана работна сила, па до изворите на финансирање за развој.
„ Конкретно за доматите имаме договор со кооперанти со кои соработуваме 15 години и немаме проблем со тоа. Околу другите суровини, овошјето што го користиме за џемови, сокови и слични производи, за нив нема проблем, затоа што на пазарот има доволно колку што ни треба на нас, затоа што не сме големи производители на овошни преработки, така што за нас има доволно. Што се однесува до сегментот на работната рака, тешко е да се најдат луѓе кои се стручни, меѓутоа во сета таа тешкотија ние се снаоѓаме некако, но секако ни фалат луѓе. Многу тешко се наоѓаат инженери, технолози, машински и електро инженери, такви стручни луѓе тешко се наоѓаат “ – вели сопственикот на КИМ Неготино, Славчо Јорданов.
Со оглед на тоа што освен јужното овошје, сите суровини што ги користат се домашни, Јорданов смета дека развојот на земјоделството е еден од главните предуслови за развој на прехранбената индустрија.
Статистиката покажува дека производството на домати на пример, во изминатата деценија е намалено за 35 проценти – од 173 илјади тони во 2015, на 112 илјади тони во 2025 година.
Срѓан Стојанчев
