Прекумерната изложеност на екрани и понатаму е главна причина за алармантно зголемување на бројката на деца со говорни потешкотии.
Тоа е евидентно само во еден од повеќето тетовски центри за едукација, рехабилитација и стимулирање на развој и говор.
Родителите најчесто бараат помош поради говорни потешкотии кај децата, но стручните лица велат дека проблемот често е многу подлабок.
Говорот е само врвот на развојната пирамида, а под него стојат бројни други сегменти кои не се развиле доволно, како сензорната интеграција, моториката, вниманието, когнитивните способности, комуникацијата и социјалните вештини.
„Ако пред 13 години имавме еден до двајца родители коишто имаат побарување на нашите услуги на неделно ниво, сега еден до двајца родители се јавуваат на дневно ниво“ – вели дефектологот Илинка Димчевска Петровска .
Како последица од таа екранска зависност, значи се јавуваат потешкотии со меморијата кај децата, потешкотии со грубата моторика, потешкотии со фината моторика, се јавуваат потешкотиите со внимание и фокус, но најчесто исто така може да се појават и сензорни потешкотии кај децата. Се појавува, депресија, анксиозност, раздразливост.
Мора да има поголема свесност дека децата ги следат возрасните и родителите, колку време поминуваат на екран од мобилен телефон или компјутер.
„Прво родителот треба да направи пост од екрани значи, а потоа да воспостави граници и кај своето дете за употреба на екраните. Ние најчесто советуваме до трета или четвртата година од животот на детето воопшто да не се употребуваат екрани“ – изјави Димчевска Петровска.
Обидот на родителите да ги тргнат децата од екраните, резултира со постојано зголемување на интересот за упис во градинки.
„Има и родители што веќе сакаат од овие електронските уреди да ги тргнат децата, бидејќи во градинката, доаѓаат, играат, нема веќе ни телевизори не ги употребуваме, имаме само активности“ – вели Фатлинда Јаја од градинките Младост од Тетово.
Според стручните лица, единственото корисно време поминато пред екран би требало да биде ограничено на десетина минути дневно и да биде насочено кон едукативни содржини.
Александар Самарџиев
