Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски денешната прес-конференција по повод објавувањето на списокот фудбалери за претстојните пријателски натпревари, ја почна со извинување до јавноста за постапките на фудбалскиот клуб Вардар.
„Во мое лично име и во име на сите играчи на Вардар, сакам да се извинам до целата македонска јавност за песната што ја пеевме при прославата на титулата по победата во Струга“, рече кратко Седлоски, кој воедно е и тренер на Вардар до крајот на оваа сезона.
Клубот предизвика лавина реакции во јавноста, откако беше објавено видео како играчите, стручниот штаб и челниците пеат песна со навредлива содржина по прославата на титулата.
Вардар минатиот петок стана шампион откако со минимални 1-0 славеше на гостувањето кај Струга на едно коло до крајот на сезоната.
