Вести Македонија Топ вести

Руина во Капиштец се претвори во дива депонија, на само неколку метри од амбулантата

Во строгиот центар на градот, меѓу згради, амбуланта, кафулиња и фреквентна пешачка патека сцена како од хорор филм. Руиниран објект во Капиштец со години се распаѓа пред очите на јавноста, а денес е претворен во дива депонија, легло на смет, страв и неизвесност.

Градежен шут, искршен мебел, распадната покуќнина и отпад на секој чекор. Мирис на влага, нечистотија и запуштеност во срцето на населбата.

Но, оваа руина не е само напуштен објект. Таа е и засолниште за бездомни лица. Празни шишиња, чаши и траги од импровизиран престој сведочат дека зад овие распаднати ѕидови се уште има живот.

А додека само неколку метри подалеку пациенти влегуваат во амбуланта, деца поминуваат по тротоарите, а жителите се обидуваат нормално да го живеат секојдневието, оваа руина во срцето на Капиштец станува се поголема опасност. Жителите велат проблемот одамна ја надминал естетиката. Стравуваат за здравјето и безбедноста. Најмногу, велат, ги плаши појавата на стаорци кои се почесто се забележуваат околу објектот. Иако со години алармираат, решение се уште нема.

„Ова е поранешен хостел, инаку е зграда сигурно од време после втора светска војна на Железница беше се сеќавам. Знам дека тука живеат бездомници и знам дека има спор некаков околу нејзината сопственост . Во секој случај се работи за грд објект кој што треба под итно да сд отстрани. Пречи од сите аспекти особено што се собираат глодари, се размножуваат глодари и дека местото на оваа локација која што се наоѓа е целосен вишок“, вели еден жител

„Како не пречи, пречи. Апсолутно пречи, не знаеш кој има внатре, што се случува, да поминеш покрај него непријатно многу“, вели друг граѓанин.

„Реално не изгледа убаво треба да се сруши, ама не да никне нова зграда туку да се направи парк за да се разубави самиот дел овде бидејќи има многу згради и натрупано е“, коментира граѓанин.

Од Општина Центар велат, тие немаат надлежност. Инспектори, со асистенција на полицијата, излегле на терен, случајот бил пријавен и известени биле надлежните институции.

При извршената контрола констатирано е дека во посочениот напуштен и руиниран објект во населбата Капиштец, диво се вселени повеќе бездомни и сомнителни лица, кои имаат создадено мини депонија. Објектот е во сопственост на РСМ, поради што Општина Центар не може да постапи за негово расчистување, изјавија од општина Центар

И од Македонски железници Инфраструктура велат дека обејктот е на државата, а како носител на правото на користење на градежното земјиште е запишан Фонд за комунално уредување на градежно земјиште.

„ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје не е запишано ниту како сопственик, ниту како носител на правото на користење на предметното земјиште/објект. Поради тоа, претпријатието нема правна надлежност самостојно да одлучува за уривање на објектот, ниту може да утврди рок за негово отстранување“, велат од Јавно претпријатие за железничка инфраструктура

И додека институциите ја префрлаат одговорноста, жителите секојдневно живеат покрај руина што станува се поголем ризик, единствено што вирее е цвеќето околу објектот и на распсднатите кровови .

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европската комисија признава дека ЕЕС предизвикува проблеми, но инсистира дека придобивките од него се далеку поголеми

Дејан Дејан

Паметни камери во справување со пожари

Дејан Дејан

Партиите повторно не успеаја да се договорот за Изборниот законик

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе