Десетина манифестации од културата, формирани без анализа во 2023 година , што останале со еден вработен и „тапкаат во место“, ќе се фузионираат со сродни установи, како нивни сектори или одделенија. Но, нема отпуштања од работа. Ова го кажа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на јавната расправа за Нацрт- текстот за Националната стратегија за развој на културата , за периодот 2026- 2030 година, дополнета со Акциски план.
„Начинот на реорганизација на националните установи или оптимизација на националните установи значи фузионирање на одредени институции што немаат капацитети понатаму да продолжат да работат, со друга установа која што има потреба од таков вид услуга. Не се отпуштаат носителите на дејности. Напротив, ќе се зголемува бројот на вработени. Посебно во фокусот ќе бидат стручните кадри, а не административниот“, рече министерот за култура Зоран Љутков.
Поттикнување на квалитетот и разновидноста на креативните изрази во уметностите, заштита и одржливо користење на културното наследство, институционална автономија како основа за развој, дигитализација во културата и дигитална трансформација и културата како ресурс за креативен , социјален и економски напредок, се петте приоритети во Стратегијата преку кои ќе се спроведуваат реформите во културата во следниве 5 години, дополни министерот Љутков од говорницата.
На изработката на стратешкиот документ, меѓу другите експерти од Македонија, работеше и академик Милена Драгичевиќ- Шешиќ од Србија , преку Антена-канцеларијата на УНЕСКО во Сараево. Таа кажа дека стратешкото планирање подразбира и евалуација на состојбите во културата , а не анализа како што стои во текстот на Стратегијата.
- Анализа на ситуацијата. Тоа не е исто што и евалуација. И јас се надевам дека ние низ овој стратешки, а особено низ Акцискиот план, ќе создадеме и едукативни инструменти и институционални инструменти, за да се воведат генерално методите за евалуација во државната управа, но и на ниво на поединечна работа во секоја установа од културата“, рече академик Милена Драгиќевиќ- Шешиќ, експерт за културна политика и менаџмент.
По јавната расправа, во Стратегијата ќе бидат вклучени дел од забелешките, а потоа таа ќе оди во Влада и во Собрание, на усвојување. Врз основа на документот ќе се прави и новиот Закон за култура.
Сотир Трајков
