Осумнаесетгодишник од тетовско е лишен од слобода, откако испраќал пораки со закани дека ќе постави бомби и ќе изврши убиства во средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово. Случајот бил пријавен од професори кои добиле информации од родители на ученици за заканувачките пораки.
Полицијата од СВР Тетово веднаш презела мерки и по добиена судска наредба извршила претрес во дом и помошни простории во селото Палатица. При претресот биле пронајдени повеќе предмети кои се поврзуваат со осомничениот и за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
