Жестоки критики по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за осум европски држави. На удар се најдоа оние кои испратија воен персонал на Гренланд, автономна територија во рамки на Кралството Данска, што Вашингтон ја сака под своја контрола. Неговата одлука, велат, е без преседан, дека е неприфатлива и му порачаа дека Европа нема да дозволи да биде уценувана.
Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија излегоа со заедничка изјава во која предупредија дека потезите на Трамп ги поткопуваат трансатлантските односи и ризикуваат опасна надолна спирала.
„Во целост се солидаризираме со Кралството Данска и народот на Гренланд. Надоврзувајќи се на процесот почнат минатата недела, подготвени сме да учествуваме во дијалог втемелен на начелата на суверенитет и територијален интегритет кои цврсто ги поддржуваме“, се наведува во заедничката изјава на осумте европски држави за кои Трамп најави царини од 1 февруари.
Со реакција се јави и италијанската премиерка Џорџа Мелони, иако нејзината земја не е меѓу царинетите. Смета дека Трамп прави грешка со воведувањето на царини, а тоа, како што рече, и лично му го кажала во телефонски разговор.
„Зголемувањето на царините против оние земји кои одлучија да придонесат за безбедноста на Гренланд, според мене е грешка и очигледно не се согласувам со тоа. Мене ми изгледа дека Трамп е подготвен да сослуша. Но, ми се чини дека ризикот од иницијативата на некои европски држави е сфатена како антиамерикански чин, иако тоа не е намерата. Јасно е дека актерите кои ги загрижуваат сите се други. Но, не мислам дека европската порака е воопшто јасна“, изјави Џорџа Мелони, премиерка на Италија.
Европската Унија најави координиран одговор на царинсктеи закани од Трамп. Францускиот претседател Емануел Макрон повика на активирање на т.н. „трговска базука“, инструмент на ЕУ кој може да се користи кога влада на друга држава се обидува да изврши економски притисок врз земја членка на блокот. Бриселски „Политико“, пак, анализира дека еден од одговорите на Европската Унија би можела да биде и блокада на договорот за примирје во трговската војна меѓу Унијата и САД, повикувајќи се на извори дека документот најверојатно ќе биде ставенна чекање за ратификација во Европскиот парламент.
Сашко Димовски
