Поранешниот албански премиер и екс лидер на Социјалистичката партија на Албанија, Фатос Нано почина на 73-годишна возраст во приватна болница во Тирана. Пред 20-тина дена доживеал клиничка смрт и бил вратен во живот од тим на лекари во болницата. Имал обемно оштетување на мозокот, и сите денови бил во критична состојба. Во тимот беа вклучени и лекари од странство.
Нано подолго време имаше проблеми со белите дробови и неколку пати бил хоспитализиран. Претходно бил хоспитализиран поради хроничен респираторен проблем, познат и како ХОББ, хронична опструктивна белодробна болест.
Тој е основач и прв лидер на Социјалистичката партија на Албанија. На чело на партијата беше од 1991 до 2005 година, кога целосно се повлече од политиката. Премиер беше во три наврати од 24 февруари до јуни во 1991 годиан, од 24 јули во 1997 година до 2 октомври во 1998 година и од 31 јули во 2002 година до 11 септември во 2005 година.
Како премиер е најзаслужен за подобрување на односите со соседните земји, кои беа „замрзнати“ во комунистичкиот период но не беа ништо подобри и во време кога на власт беа демократите.
Нано беше уапсен на 31 јули 1993 година под обвинение за злоупотреба на службената положба во корист на трети лица и осуден на 14 години затвор. Тогашниот премиер Сали Бериша го обвини за злоупотреба на италијанската хуманитарна помош. Остана во затвор до 13 март 1997 година, кога по познатите мартовски немири, кога земјата беше во хаос, беа амнестирани стотици затвореници.
Сегашниот лидер на Социјалистите и актуелен премиер Еди Рама, во неколку наврати изјави дека „Нано е последниот политички затвореник во Албанија“.
Фатос Танас Нано роден е на 16 септември во 1952 во Тирана. Оженет е за Џоана Нано, позната албанска претприемачка. Татко е на две возрасни деца од првиот брак со Тежина Нано, со која се разведе во 2002 година по 25 години брак.
Нано е единствен политичар во транзицијата кој се повлече од политиката, по поразот на социјалистите на изборите во 2005 година и не се врати повеќе во политиката.
