Европа е во хибридна војна и тоа мора да се сфати многу сериозно, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја обвини Русија дека спроведува „кампања на сива зона“ против Европа, преку прекршувањета на воздушниот простор, саботажите и сајбер нападите.
Таа изјави дека за само две недели, борбени авиони го нарушиле воздушниот простор на Естонија, додека беспилотни летала прелетале над воените бази и критичните инфраструктурни локации во Белгија, Данска, Германија, Полска и Романија.
- „Време е да го наречеме тоа со своето име, ова е хибридна војна. И мора да го сфатиме многу сериозно“, им рече фон дер Лајен на пратениците на ЕУ во Стразбур, Франција.
Таа нагласи дека „Европа мора да одговори и да го заштити секој квадратен сантиметар од ЕУ. „Ако се двоумиме да дејствуваме, рече Фон дел лајен, сивата зона само ќе се прошири“.
- Не само што мора да реагираме, туку мора да одвраќаме, бидејќи ако се двоумиме да дејствуваме, сивата зона само ќе се прошири. Основната мисија на Европската Унија е да го зачува мирот. А денес тоа значи да се има капацитет да се одврати агресијата и провокациите. И Европа мора итно да се опреми со стратешки капацитет да одговори. Капацитет што е подготвен да се справи со променливата природа на војувањето. Изборот пред нас е многу едноставен. Или можеме да се срамиме и да гледаме како руските закани ескалираат, или да им се спротивставиме со единство, спречување и решителност, рече Фон дер Лајен.

Извршната власт на ЕУ, под водство на Фон дер Лајен, подготвува план за Европа да се соочи со вакви предизвици до 2030 година. Претставниците на ЕУ веруваат дека Русија би можела да започне напад врз друга европска земја во рок од 3-5 години.
Планот вклучува развој на „ѕид од беспилотни летала“ составен од високотехнолошки системи поврзани со опрема против беспилотни летала што може да детектира, следи и уништува беспилотни летала, како и да ги напаѓа нивните оперативни системи или пилоти на земја.
За две недели, Фон дер Лајен ќе достави предлог план за зајакнување на одбраната на Европа до шефовите на држави и влади на 27-те земји членки.
Според комисијата, најдобриот начин да се охрабрат европските земји да инвестираат повеќе во одбраната е создавањето на работни места и подем на бизнисот во Европа.
На самитот во Копенхаген минатата недела, се зацврсти ставот на некои лидери на ЕУ кон инцидентите со беспилотни летала, саботажите, сајбер нападите и прекршувањето на санкциите. Но, Данска не и ја припиша директно серијата летови со беспилотни летала на Русија. А францускиот претседател Макрон предложи поагресивен пристап кон Русија.
Билјана Ставрова
