Албанскиот премиер Еди Рама најави дека ќе продолжи со големиот проект за развој на крајбрежјето поврзан со Џеред Кушнер, зет на американскиот претседател, Доналд Трамп и покрај големите протести против него.
Во интервјуто за Асосијејтед Прес, Рама ги отфрли еколошките забелешки како резултат на дезинформации и рече дека проектот ја претвора Албанија од земја што некогаш била игнорирана од инвеститорите во земја „во која сакаат да дојдат големиот капитал и големите инвеститори“.
Тој инсистира дека дека проектот ќе биде трансформативен за Албанија и планот на оваа земја да влезе на пазарот на луксузен туризам и напредува кон членство во Европската унија.
Но илјадници демонстранти во последните денови секојдневно протестираат пред канцеларијата на Рама во Тирана против овој проект, кој вклучува изградба на хотели, апартмани, вили и марина за јахти.
Премиерот рече дека формална проценка на влијанието врз животната средина сè уште не е започната, иако работите за расчистување на земјиштето веќе се започнати.
Запрашан дали би се повлекол од проектот, Рама одговори негативно, додавајќи: „Да се повлечам од што?“
Антикорупциската агенција на Албанија отвори истрага поврзана со проектот.
Иако Владата инсистира дека земјиштето е приватна сопственост, се појавија спротивставени тврдења околу неговата приватизација.
Рама рече дека предлогот на Кушнер започнал случајно.
Тврди дека се започнало со вечера во јужна Албанија со Кушнер, неговата сопруга, Иванка Трамп и пријатели кои застанале во пристаништето Драч за да наполнат гориво на нивниот брод на пат кон Црна Гора.
Неколку месеци подоцна, Кушнер му пристапил на собир на светски лидери и бизнис лидери во Давос, Швајцарија и изразил интерес да инвестира во Албанија, рече Рама.
„Вашата земја е апсолутно неверојатна и би сакале да најдеме шанса да инвестираме“, му кажал Кушнер на Рама.
Луксузниот проект има две компоненти: крајбрежен развој во областа на лагуната Нарта, која е резерват за диви животни, и помал туристички комплекс на блискиот ненаселен остров Сазан, поранешна воена база од комунистичкиот период.
Работи веќе започнале за расчистување на земјиште во природниот резерват кој го користат преселни птици, што ги предизвика еколошките групи да предупредат за уништување на долго зачувани живеалишта.
Рама рече дека формална проценка на влијанието врз животната средина не е започната затоа што планот сè уште не е финализиран.
Тој додаде дека меѓународни архитекти и еколошки експерти сè уште ја обликуваат идејата.
„Кога станува збор за животната средина, нема проект уште, нема проценка на влијание, бидејќи ова сè уште е во фаза на планирање“, рече тој.
Тој истакна дека Албанија има добри резултати во заштита на природата, наведувајќи забрани за лов и сеча што помогнале популациите на фламинго да се обноват.
„Имаме фантастична документација за тоа како дивиот свет во Албанија се врати благодарение на 10-годишниот мораториум на лов“, рече Рама.
Од крајот на мај, багери и тешка механизација влегле во планираната област за развој, отворајќи пристапни патишта, копајќи во песокот, расчистувајќи земјиште меѓу борови дрвја и поставувајќи огради.
Н.И
