Поради невремето што попладнево го зафати охридско-струшкиот регион, дојде до испад на 110 kV далекувод ТС Охрид – ТС Струга, соопштуваат од МЕПСО.
Силниот ветер и обилните врнежи предизвикале кинење на проводното јаже на далекуводот.
Дефектот настанал во период кога, поради редовни технички зафати за замена на оптичко јаже, плански бил исклучен и 110 kV далекуводот ХЕЦ Глобочица – ТС Струга, велат од компанијата.
- Како последица на тоа, регионот на Охрид и Струга остана без напојување со електрична енергија од двата правци. Со оглед дека станува збор за далекувод кој, доколку е потребно, може повторно да биде ставен во функција во релативно краток рок, во погон е вклучен 110 kV далекуводот Глобочица – ТС Струга, со што е снабдувањето со електрична енергија е стабилизирано.
Во меѓувреме, далекуводот Охрид 2 – ТС Ресен сè уште е надвор од функција.
Во моментот екипи на МЕПСО се на терен и работат на локализирање и санирање на проблемот.
Попладнево во Струга и Охрид за неколку часа наврнаа 15 литри на метар квадратен.
Од управата за хидро-метеоролошки работи информираат дека во западните и југо-западните делови од земјата се уште има поројни дождови со грмежи и град.
Зафатени се и Преспа и битолскиот регион.
