Вести Свет

ОН: Окупацијата на Газа би имала катастрофални последици

Ужасната хуманитарна криза во Газа продолжува да се влошува. Палестинците гладуваат заради израелската блокада и ги губат животите во очајнички обиди да дојдат до храна, преживувајќи во супстандардни услови, но ситуацијата може и дополнително да се влоши.

И покрај противењето на израелскиот воен врв и безбедносните служби, ултрадесничарската влада во Тел Авив, предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху, сериозно размислува за целосна окупација на појасот Газа, каде повеќе од два милиона Палестинци се принудени да живеат на само четвртина од таа палестинска територија.

Иако одлуката за окупација на Газа сè уште не е официјално донесена, Обединетите Нации на специјалната седница на советот за безбедност, предупредија дека таа ризикува катастрофални последици за регионот.

„Последните информации во однос на одлуката на премиерот Нетанјаху за проширување на израелските воени операции во целиот појас Газа, ако се вистинити, се исклучително вознемирувачки. Ова ризикува катастрофални последици за милиони Палестинци и би можело дополнително да ги загрози животите на преостанатите заложници во Газа“, рече Мирослав Јенча, помошник генерален секретар на ООН

Најлојалниот сојузник на Нетанјаху, Соединетите Американски Држави, со чија огромна помош се финансира и израелската воена машинерија која повеќе од две години систематски ја уништува Газа, засега без коментар за планот на израелскиот премиер.

„Не знам што е предлогот. Знам дека ние сме таму и се обидуваме да ги нахраниме луѓето, како што знаете, САД донираа 60 милиони долари за помош во храна, навистина многу помош во храна за луѓето во Газа кои очигледно немаат многу храна. Знам дека Израел ќе ни помогне за тоа во поглед на дистрибуција на храна и со парите. Ќе има помош и од арапските држави во поглед на парите и можеби дистрибуција. На тоа сум фокусиран. Што се однесува до останатото, немам коментар, тоа ќе зависи од Израел“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Окупацијата на Газа не е поддржана и од мнозинството обични Израелци. Последните анкети потврдуваат дека огромен број на испитаници сакаат да биде постигнат договор со Хамас и да се заврши војната, пред сè, заради безбедно враќање на 20-тината заложници на палестинските милитанти за кои се претпоставува дека сè уште се живи.

Повеќе стотици поранешни израелски политичари, раководители на безбедносните служби и генерали побараа од Трамп да изврши притисок врз Нетанјаху за запирање на војната. 

„Мислам дека дојде време сите Израелци, многу јасно да покажат колку се противат, што значи да излезат на улиците. Се согласувам со тоа што поранешниот премиер Ехуд Барак го кажа за граѓанската непослушност. Доаѓаме до моментот кога треба неколку милиони луѓе да излезат на улиците“, смета Ехуд Олмерт, поранешен премиер на Израел.

Израел веќе ја контролира територијата во северна и јужна Газа, но за целосна окупација би требало да се распоредат десетици илјади повеќе војници во централниот регион, крајбрежниот појас и градот Газа. Во крајбрежниот појас е и местото Ал-Маваси, претходно означено од Израел како безбедна зона, каде повеќе од половина милион принудно раселени Палестинци живеат во сурови услови, без храна, вода, здравствена заштита и хигиена, во преполни бегалски кампови.

„Ние, народот во Газа, ја гледаме оваа вреќа брашно како бело злато. Јас дојдов на ова место за да барам храна. Пешачев речиси 15 километри, потоа се влечев уште 3 кмилометри и се криев од истрели. Господ знае дека се простив од децата, зашто можеби ќе се вратам, но може да ме донесат мртов или повреден“, изаи Иса Хадер, раселен жител на северна Газа.

Дополнителни 138 луѓе беа убиени од израелските сили во Газа во последните 24 часа, со што вкупниот број на загинати во крвопролевањата од почетокот на војната се зголеми на над 61.000 луѓе.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ахмети пак не успеа да гласа, одложено гласањето на Закон за правична застапеност

Tea Dimkovska

Овчата сипаница се шири низ истокот – опфатени бачила во четири општини

Tea Dimkovska

Јавен повик, тајни понудувачи, се уште не се открива кои компании се јавиле на повикот за нови автобуси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе