Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер е пуштен на условна слобода. Одлуката ја донел Окружниот суд во Сисак кој ја потврди веста, пренесува „Јутарњи лист“.
Санадер беше осуден на единствена затворска казна од 18 години што ја издржуваше во затворот Липовица. Додека ја издржуваше казната, ги користеше бенефициите пропишани со Законот за извршување на затворските казни, па затоа и беше виден надвор од затворот, во Загреб и во Кутина.
Денеска во Окружниот суд во Сисак се одржа рочиште, на кое беше одлучено дека Санадер ги исполнува условите за предвремено ослободување од затвор, пред да ја издржи целата казна. Неговиот адвокат Чедо Продановиќ претходно најави дека ќе бара условно ослободување.
