Вести Свет Топ вести

По Франција и Велика Британија, и Канада планира да ја признае палестинската држава во септември

Канада планира да ја признае државата Палестина на состанокот на ОН во септември, вршејќи притисок врз Израел бидејќи гладот во Газа се влошува.

Објави премиерот на Канада Марк Карни кој го следи примерот на  Франција откако минатата недела изјави дека ќе признае палестинска држава, а еден ден подоцна Велика Британија изјави дека ќе го стори тоа на Генералното собрание на ОН во септември доколку борбите во Појасот Газа не престанат дотогаш.

Карни им рече на новинарите дека реалноста на теренот, вклучително и гладувањето на жителите на Газа, значи дека „перспективата за палестинска држава буквално исчезнува пред нашите очи“.

-Канада го осудува фактот дека израелската влада дозволила да се случи катастрофата во Газа, додаде тој.

Карни рече дека планираното признавање е делумно поттикнато од повторените гаранции од Палестинската власт, која ја претставува Државата Палестина во Обединетите нации, дека ќе ја реформира својата влада и дека е подготвена да одржи општи избори во 2026 година на кои Хамас „нема да може да учествува“.

Најавите за признавање на палестинска држава од страна на некои од најблиските сојузници на Израел го одразуваат растечкиот меѓународен гнев поради ограничувањата наметнати од Израел за храна и друга помош за Газа, како и за тешката хуманитарна криза таму. Светската група за мониторинг на гладот предупреди дека енклавата се соочува со најлошото сценарио на глад.

Министерството за здравство на Газа синоќа пријави уште седум смртни случаи поврзани со глад, вклучувајќи и двегодишно девојче со здравствени проблеми. Владата во Газа, предводена од Хамас, соопшти дека израелската армија убила најмалку 50 луѓе во период од три часа синоќа додека се обидувале да добијат храна од камионите за помош на ОН што пристигнуваат во северната енклава.

Израел и неговиот најблизок сојузник, САД, ги осудија коментарите на Карни.

-Промената на ставот на канадската влада во овој момент е награда за Хамас и им штети на напорите за постигнување прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, се вели во соопштението на израелското Министерство за надворешни работи.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху даде слични коментари по најавите на Франција и Велика Британија.

Претставник на Белата куќа, кој побара анонимност, рече дека претседателот Доналд Трамп, исто така, го смета признавањето на палестинската држава за погрешно и за „награда за Хамас“.

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, денеска ќе го посети Израел за да разговара за ситуацијата во Газа. Трамп оваа недела изјави дека очекува да се постават повеќе центри за храна во енклавата.

Државата Палестина е држава набљудувач, но нема полноправно членство во Генералното собрание на ОН од 2012 година. Таа е признаена од повеќе од три четвртини од 193-те земји-членки на собранието.

Џонатан Паникоф, поранешен заменик-директор на националното разузнавање на САД за Блискиот Исток, рече дека признавањето на Палестина имало за цел „да го зголеми притисокот врз Израел за да го принуди да се врати на парадигмата на две држави“. Но, тој додаде дека објавата на Канада „веројатно ќе биде само симболична и ризикува да ги поткопа нивните односи со нивниот долгогодишен сојузник Израел“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој разговараше со Карни пред објавата на канадскиот премиер, рече дека признавањето на Палестина ќе „ја оживее перспективата за мир во регионот“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гори Канада – над 800 активни пожари, најголем дел се надвор од контрола

Sasko Dimovski

Кос со осуда на изјавата на српската министерка Пауновиќ дека етнички би го исчистила Косово во 1998 година да била на местото на Милошевиќ

Sasko Dimovski

(Видео) Улици претворени во реки – силно невреме вечерва ја зафати Битола

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе