Пет дена по обвинението претседателката на Антикорупциска е недостапна и сè уште не се огласила ниту за кривичните дела ниту за повиците за оставка. Нејзиниот адвокат за Телма вели го чекаат обвинението.
„Обвинението не е примено ниту од одбраната ниту од обвинетата. Откако ќе го добиеме ќе заземеме став за следните чекори. За сега не можам во нејзиниот име да давам изјава или став“ изјави адвокатот Стевица Јосифовски.
Јосифовски беше и правен советник на ДКСК но вели договорот му е истечен и Димитровска го ангажирала приватно.
Одбраната има право не приговор на обвинението по што Кривичниот суд треба да го оцени. Но работата не е завршена ниту за обвинителството. Телма дознава дека обвинителите продолжуваат да ги анализираат екстрахираните податоци од телефонот на Димитровска со оглед на тоа што до сега е анализирана само дел од комуникацијата.
Од организиран криминал кусо ни одговорија.
„Неодамнешниот обвинителен предлог е како резултат на докази обезбедени врз основа на дел од екстрахираните податоци за кои покажувате интерес, а кои се поврзани со предметот „Адитив“ велат од ОЈО ГОКК.
Левица иницира разрешување на Димитровска пред собраниската комисија за избори и именувања. Сметаат дека не мора да се чека правосилна пресуда.
„Од овој момент на претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска и се изречени мерки за забрана за извршување на функција, таа повеќе од два месеци не оди на работа, и токму ние тука ја наоѓаме законската основа во овој случај да ја поднесеме нашата иницијатива до Комисијата за избор и именување“ изјави Јована Мојсовска, пратеничка од Левица.
Димитровска доби мерки на претпазливост според кои има забрана да работи на предмети да има контакт со пошта и друга документација а спореди информациите од ДКСК два месеца од истрагата не се појавила на работното место. Таа е обвинета дека му оддавала службени тајни на ексдиректорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ подоцна обвинет во Адитив. На товар и се става и делото компјутерски фалсификат дека ревизор од ДЗР и го положил тестот за Сертификат за Државна тајна.
На прашањето на Телма дали ќе прават ревизија на одлуките од ДКСК ни одговорија дека:
Одлуките се донесени колективно од Државната комисија, на јавна седница, согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси каде е уредено дека одлуките се носат со мнозинство гласови, како и согласно постапката уредена во Деловникот.
Елена Ивановска Мукоска
Димитровска го вратила сертификатот „ДРЖАВНА ТАЈНА“ во ДКСК по прилот на ТВ Телма
