Разочаран сум, но се уште не сум „завршил“ со Владимир Путин, изјави за Би-Би-Си американскиот претседател Доналд Трамп.
На прашањето дали му верува на рускиот претседател, Трамп одговори: „Не му верувам на речиси никого“.
До разговорот за британскиот јавен сервис дојде само неколку часа откако американскиот претседател ја објави најавената „важна вест“ за испорака на оружје во Украина и се закани со строги царини за Русија доколку не постигне договор за прекин на огнот во рок од 50 дена.
Во обемно интервју од Овалната соба, Трамп, исто така, ја изрази својата поддршка за НАТО, иако претходно Алијансата ја нарече застарена, и ја потврди својата посветеност на принципот на заедничка одбрана во нејзините рамки.
Разговорот, што траеше 20 минути, следеше по договорот за можно интервју на годишнината од обидот за атентат врз Трамп за време на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија.
На прашањето дали преживувањето на атентатот го променило, Трамп одговори дека се обидува да размислува за тоа што е можно помалку.
-Не сакам да размислувам дали тоа ме променило мене, рече Трамп. „Размислувањето за тоа може да промени цел живот.“
