Центарот за управување со кризи информира дека заклучно со 7:00 часот утрово, во земјава биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, од кои 7 се уште се активни.
Најголем дел од нив се низ општините Македонски Брод, Чашка, Чучер Сандево, Бутел, Дојран и Кавадарци. Два пожари се локализирани – еден кај градската депонија во Делчево и друг во селото Рамне кај Македонски Брод.
22 се целосно изгаснати низ повеќе региони, меѓу кои Прилеп, Велес, Штип, Струга, Гостивар и Скопје.
Повеќето пожари зафатиле ниска вегетација, депонии или стрништа. Од ЦУК апелираат на внимателност и почитување на мерките за заштита од пожари, особено поради високите температури и ветерот.
Надлежните упатуваат апел до граѓаните за крајна внимателност, посебно во природа – да не палат оган и да не фрлаат догорчиња, бидејќи и мала невнимателност може да предизвика големи последици врз животната средина, имотот и безбедноста на луѓето.
А поради пожарите кои беснеат во земјава, владата прогласи кризна состојба на територијата на цела држава во траење од 30 дена. Ова значи дека полицијата, армијата, општините и сите служби ќе бидат вклучени во борба со огнената стихија.