Вести Македонија Најважни

Телма во Чучер Сандево: Пожарникарите и жителите ги бранат куќите и манастирите од пожарот

Локалците уморни и ненаспани, пожарникарите на готовс. Два дена како цела вечност во околината на Блаце. Мириса на изгорено и сѐ уште има чад на неколку места помеѓу пеплосаната борова шума високо на ридот.

Жителите на сите околни села од Општина Чучер Сандево здружени, со алати, лопати, опрема, механизација – кој што има, а секој на терен. Истурале вода, дежурале цела ноќ, стравувале за себе и за комшиите.

„Не да нѝ беше страв, многу нѝ беше страв! Беше опасна ситуација, напната, организирани сите комплет со сите расположливи средства. Се вклучија и мештаните и фирми приватни што имаме, приватни цистерни. Учествуваа комплет сите работоспособни луѓе што се граѓани на Скопска Црна Гора“, вели Тихомир Поповски, жител на село Бразда. 

„Имаше противпожарни цистерни, приватни цистерни, приватни претпријатија тука што се на индустриска зона со миксери полни со вода, сите млади луѓе од сите села од Чучер Сандево. Вчера беше критично, огнот дојде до тука до манастирите Св. Атанасиј, Св. Троица, Св. Никита“, вели Златко Поповски, жител на село Бразда. 

Во Општина Чучер Сандево вчера беше прогласена вонредна состојба. И покрај интервенциите од воздух со неколку летала и ангажирање на сите расположливи ресурси, пожарот ноќеска остана надвор од контрола. Се гаснеше и денеска со два полициски хеликоптери.

Надлежните веќе имаат индиции за причините за пожарот.

„За жал овојпат пожарникарите најдоа дрвени палети фрлени во зимзелени смреки и полиени со бензин. Верувам дека овој пожар не само што е подметнат туку намерно се допалува и распалува, а за мотивите може само да погодуваме. Но, благодарение на пожарникарите неколку вакви палети беа најдени и изгаснати. Барам од граѓаните да си ги исчистат своите дворови, нека ја искосат тревата, нека најдат мотокултиватор, нека најдат трактор, нека изораат неколку метри мек појас. Во таков случај, дури и пожарот да се спушти близу нивната куќа – куќата ќе биде спасена!“, вели Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување. 

  • „За жал изгоре голема површина на борова шума и мене ми е многу жал за тој дел, но не бевме во можност да го спречиме тоа бидејќи стануваше збор за стихија каде што немаше можност да се пристапи и да се интервенира“, вели Ѕвонко Томевски, командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ). 

Надлежните ги отфрлија шпекулациите дека неколку куќи и викендици изгореле во пожарот, а информираа и дека манастирот Св. Никита не бил доведен во опасност.

„Само една долина го дели стариот манастир Св. Никита од местата каде што вчера дивееја пламените јазици. Денеска, црнилата на соседниот рид сведочат за вчерашната огнена стихија, а има и чад на неколку места за коишто граѓаните се организираат доброволно да одат и да истураат вода на нив.“ 

Од МВР доцна синоќа информираа дека сообраќајот на патниот правец Стенковец – ГП Блаце е нормализиран и се одвива непречено во двата правци. Претходно, патот беше затворен поради големиот шумски пожар меѓу селата Блаце и Чучер Сандево.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Пожарникарите наишле на запалени палети и мирис на бензин – Ангелов за пожарот во Чучер Сандево

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе