Општина Чучер Сандево се соочува со еден од најтешките пожари во последните години, откако огнената стихија зафати густи шуми и се прошири кон населените места.
И покрај интервенциите од воздух со неколку летала и ангажирање на сите расположливи институции пожарот ноќеска остана надвор од контрола.
Голем дел од жителите вознемирени, а густ чад надвис над Чучер Сандево, Мирковци, Глуво, Бразда, па сè до Бутел.
Дополнителна закана претставува и новиот пожар кај село Кучевиште, кој се наоѓа во близина на куќи.
Градоначалникот Сашко Комненовиќ синоќа објави дека општината прогласила вонредна состојба.
Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна
Тој алармираше за бавна реакција на институциите и побара мобилизација на сите ресурси, вклучително и активирање на меѓународна поддршка.
Првите последици од пожарот се веќе евидентни – изгорени се две викенд-куќи и неколку посеви со жито, но се очекува штетата да биде многу поголема.
За денеска беше најавен почеток на координирана акција за гаснење уште од 5 часот наутро, со поддршка од два воздухоплова на МВР.
Меѓувреме, граѓаните покажаа исклучителна солидарност и пожртвуваност.
Апели за вклучување упатија и поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ, кој информираше дека се контактирани и власти од Србија за потенцијална помош.
Триесет пожари на отворен простор низ Македонија, десет активни
Според последните информации објавени доцна синоќа од страна на ЦУК на територијата на државата регистрирани се вкупно 30 пожари на отворен простор.
Од нив, 10 се активни, 19 се веќе изгаснати, додека еден пожар е локализиран.
Пожарите опфаќаат различни типови на терен – од шуми, стрништа, до депонии и индустриски објекти.
Активни пожари се бележат во повеќе општини, меѓу кои Прилеп кај с. Бешиште, Македонски Брод во с. Црешнево, с. Слатино и н. Самоков, Чашка под Солунска Глава, Чучер Сандево, Дојран, Бутел, Крива Паланка и Делчево.
Особено загрижувачки е пожарот во фабриката за муниција и оружје „Сувенир“ во Самоков, каде според последните информации таму гореше магацин со гуми и палети.
Исто така, забележан е чад на тешко пристапен терен под Солунска Глава. Надлежните апелираат за претпазливост и пријавување на секое сомнително движење или појава на чад и оган, поради високите температури и ризикот од проширување на пожарите.