Вести Македонија Најважни

„Водовод“: За еден ден потрошени 350.000 метри кубни вода

Без вода на 40 степени. Дел од домаќинствата, најчесто оние од високи зони, речиси секое попладне по 17 часот или немаат вода или имаат со мал притисок, а ова се случува подолго време. Јавноста сè погласна, надлежните продолжуваат со предупредувањата.

„Во Жданец живеам и најчесто е сè во ред, но знае да има денови кога ќе биде и без вода и со намален притисок, само тоа не е толку често како порано да речеме“, вели жител на Жданец.

„Слаб притисок би требало да биде, но претпоставувам дека се троши многу и сигурно во овој летен период ќе има такви работи“, изјави скопјанец.

„Во овој период се случува кога има градежни зафати позади мене каде што живеам и недостасува вода, така да некогаш не сме информирани, освен ако нешто прочитаме на интернет“, реагира нивни соргаѓанин.

Под соопштението на „Водовод“ во кое информираат за состојбата стојат и коментари од граѓани кои кажуваат дека со недели чекаат некој да го санира дефектот кој го пријавиле и поради кој со денови немаат вода.

„Ракотинци улица „5“ еден месец немаме вода пријавено ви е лично од мене налогот се отвара и го затвараат вашите служби без да се искочи на терен . Направивте некој измени со регулатори и од тогаш улица 5 секое лето нема вода“, е наведено во еден од коментарите на граѓаните.

„Во Пинтија со месеци се пријавува дефект на улична цевка никој не излегува на терен“, реагира жител од тој дел на градот. 

„Средете ги пукнатите цевки со месеци ви тече вода, после зборете за енормно потрошена вода“, апелира скопјанец.  

„На Водно, во високата зона нема капка вода неколку саати, преземете мерки!“, укажува жител на главниот град.

Од „Водовод и канализација“ велат дека граѓаните најмногу вода користат во попладневните часови, па поради тоа има оптоварување на системот. Дополнителен проблем велат се и нелегалните приклучоци.

„Во изминатиов период покрај двете изворски подрачја ние како давател на услуга имаме активирано 5 бунарски подрачја кои што вршат надополнување на вода. Како еден факт да доловам дека во последниов интервал ги имаме чепнато лимитите, границите се поминати. Поминати се од страна на граѓаните, од страна на корисниците. 360 илјади метри кубни вода се испорачуваат на територија на град Скопје за да се задоволат потребите на граѓаните на градот Скопје“, истакна Зоран Недевски, раководител на сектор за наплата. 

„Само викендов се 12 нелегални приклучоци отстранети и за истите се отпочнати постапки за нелегално користење на вода согласно законските нормативи. За истите овие лица покрај исклучувањето се отпочнуваат и постапки за кражба на вода“, додава Недевски.

Од јавното претпријатие апелираат до граѓаните совесно, одговорно и рационално да ја користат водата за да има непречено снабдување за сите делови од градот. Доколку продолжи ваквата состојба ќе бидат принудени да воведат рестриктивни мерки како затворање на водата, а граѓаните би добивале услуга само во одреден дел од денот. Анализите досега покажаа дека загубите на вода се околу 60 проценти.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Кривична за 18-годишна девојка и две малолетнички за насилството врз девојче во Куманово

Дејан Дејан

Неизвесна наплата, нерационално управување со залихите, намалена ликвидност и сериозни проблеми со возниот парк, нотираа ревизорите во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“

Дејан Дејан

ВЛЕН: Шест министерства за уште посилен мандат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе