Можна причина за пожарот што вчера попладне избувна во скопско Чучер Сандево, над магистралниот пат Скопје-Блаце е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување.
Ова утринава го соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, кој информира за состојбата со големиот пожар кој избувна вчера во попладневните часови.
-Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати, рече Ангелов.
Ангелов соопшти дека два полициски и еден армиски хеликоптер, како и еден „хермелин“ со цистерна, еден „пинцгауер“ и едно теренско возило „амарок“, сите во сопственост на ДЗС, дејствуваат како поддршка на скопската противпожарна бригада која сo повеќе пожарникари и возила го гаси големиот пожар.
Директорот на ДЗС апелира до граѓаните доколку забележат пожар веднаш да пријават на бројот 112.
