Вести Македонија Најважни

Домашен притвор за возачот кој усмрти пешак и избега- 9 пешаци загинале во Македонија од почетокот на годината, од Нова Година ќе се „пали“ Сејф сити

Успеа да избега еднаш од место каде крварел и умирал човек кого го удрил со мотор на пешачка патека возејќи без дозвола, но откако полицијата го фати насилниот возач кој го усмрти Југослав Николовски на кејот зад влада- мотоциклистот е пуштен во домашен притвор од страна на скопскиот кривичен суд.

Обвинителството смета дека мотоциклистот може да избега и бараше ефективен затворски притвор, па најавија жалба против судската одлука на Кривичниот за куќен притвор на мотоциклистот. Мотоциклистот го има со две пресуди во судско-обвинителските архиви, еднаш како малолетник бил осуден за насилство, вторпат за кршење на здравствени прописи во време на КОВИД пандемијата.

Но, сега брутално прегази скопјанец пред неговиот дом. МВР одговори дека не е точно дека бил бркан од полиција туку трагедијата ја предизвикал со брзо возење по кејот со мотор кавасаки на кој немало регистрација.

Според анализите на официјалните известувања на МВР од почетокот на годината досега загинале вкупно 9 пешаци.

Министерот Тошковски денеска посочи дека се преземаат мерки кои ги намалуваат сообраќајните жртви и несреќи, но тој не е задоволен и смета дека не е доволно. Ќе се преземат и дополнителни активности.

Од први јануари ќе се вклучува и Сејф сити, системот кој во државата за првпат е инсталиран и пуштен во употреба во 2012-та година. Срамно е што не бил користен за сообраќајот и за намалување на жртвите, рече Тошковски и нагласи дека бил многу скап без прецизна сума која досега е потрошена за 13 години.

-Овој проект е отпочнат пред многу години, за жал неговата функционалност не е видлива до ден денеска, отпочнат е пред повеќе од ако не се лажам десетина години, надоградуван е од страна на претходната влада, надограден е и дополнително во последната година дена и се надевам дека конечно резултатот од истиот ќе го видиме. Во однос на вкупната сума (платена за Сејф сити) не би можел да ви кажам бидејќи ги немам тие податоци. Инаку, сигурно е многу пари, ни одговори министерот.

Тошковски на прес конференција по повод една година од вршење на функцијата ги собра не само началниците од сектор сообраќај но и сите останати од врвот на полицијата и МВР. На прашањето за пријавените дивоградби особено во Чаир- рече дека полицијата работи по насоки на обвинителството.

-Во однос на сите ќе постапуваме така како што ѝ прилега на една европска земја. За разлика од тие претходно, не сме Европејци само декларативно, тоа го покажуваме со дела, одговори Тошковски на прес конференцијата по повод една година од преземањето на министерската позиција.

Тој рече дека не се завршени истрагите бидејќи станува збор за подолг истражен процес.

-Ќе има резултати. Не е тоа „буцни прачка- напиј се вино“ процес, одговори Тошковски.

СВР Скопје пак од почетокот на годината пак има поднесено 4 кривични пријави за дивоградба во главниот град од кои најголем дел се во Чаир. Пријавите биле поднесени пред пријавите на градоначалничката Данела Арсовска.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гала концерт „Од MOБ за Скопје“ на плоштадот „Мајка Тереза“

Дејан Дејан

Родителите на жртвите од „Пулс“ во понеделник ќе чекаат одговори од надлежните за нивните барања

Дејан Дејан

Семејствата на жртвите од „Пулс“ не веруваат на институциите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе