Со два автомобили и полициска придружба, од Основниот суд во Кочани се врши транспортот на предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животите ги загубија 62 лица, а над 200 беа повредени.
Претседателот на Апелациониот суд Штип, Тони Делев информираше дека од Основниот суд во Кочани, заедно со сите списи и докази коишто се приложени, се носат во Основниот Кривичен суд Скопје, согласно одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија и таму ќе биде предаден на службите за понатамошна постапка, по што ќе се оценува обвинителниот предлог.
Инаку, во истражната постапка за предметот „Пулс“ беа ангажирани сите судии во Основниот суд во Кочани, еден од Виница и тројца судии од Основниот суд во Штип, како и сите судии од штипска Апелација за жалбените постапки и решенијата за притвор. Во овој предмет опфатени се 34 лица и три правни субјекти.