Студентите во Србија го продолжуваат протестот и трети ден блокираат раскрсници и мостови во повеќе градови, барајќи распишување предвремени парламентарни избори, ослободување на уапсените и отстранување на шаторите на студентите блиски до владејачката партија во Пионерскиот парк во Белград.
Иако утрово во Белград е мирно и сообраќајот се нормализира, полицијата останува присутна, а блокадите продолжуваат и во други градови како Нови Сад, Ниш, Крушевац, Чачак. Вчера беа регистрирани и неколку инциденти кога возачи се обидоа да ги пробијат барикадите, но без да има посериозни последици.
Откако минатиот викенд на Видовденскиот протест беа уапсени десетици студенти и граѓани, демонстрантите повикуваат опозицијата да ја бојкотира работата на парламентот и бараат целосен прекин на работата во земјата додека не се исполнат нивните барања.